Директорот на тетовската болница, Флорин Бесими си поднесе оставка од функцијата.
-Како доктор кој цел мој професионален живот сум го посветил во лекување на моите сограѓани и како прв човек одговорен во Клиничката болница во Тетово со која раководам последниве години чувствувам морална и етичка одговорност од страшниот настан во кој згаснаа човечки животи, напиша Бесими на Фејсбук, соопштувајќи дека дава оставка од раководното место.
Бесими повика побрзо расветлување на случајот од страна на надлежните институции со цел да се утврдат причините за пожарот.
-После овој трагичен и несреќен настан, оваа одлука е неминовна. Во исто време, се надевам дека ќе заврши што побрзо целосната истрага и ќе се утврдаат причините за пожарот во модуларната болница во Тетово за пациентите со Ковид -19. Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе постави една морална линија, која сите како општество сме ја заборавиле. Загубата на човечки живот во една ваква состојба е голема трагедија. Функцијата не е пред достоинството и човечноста. На повредените им посакувам побрзо да закрепнат. Јас со целосна доверба целиот мој живот сум го посветил на здравјето на граѓаните и на нашето општество. Изразувам почит и сочувство кон моите тетовци и останувам во нивна постојана услуга, пишува Бесими.
Оставка поднесе и економскиот директор на болницата во Тетово
Покрај поднесената оставка на директорот на Клиничката болница во Тетово, Фљорин Бесими, и економскиот директор Артан Етеми попладнево си поднесе оставка.
Како и д-р Бесими така и економскиот директор Артан Етеми соопшти дека ја поднесува оставката од морални причини.
– Чувствувајќи ја длабоката болка од трагедијата што се случи во модуларниот центар во Тетово, каде што бев и лично присутен, од тажните слики што ги доживеав извлекувајќи ги со свои раце телата на жртвите, во својство на економски директор ја давам мојата оставка од оваа позиција од морален чин. Јас верувам на принципот дека истражните тела и меѓународно ангажираните експерти ќе ја откријат вистинската причина за тоа како настана трагедијата што се случи во модуларниот центар и која ги скрши нашите срца. Ја споделувам болката со роднините на жртвите, напиша Етеми.