Дирекцијата за заштита на лични податоци дала негативно мислење на УЈП да проверува банкарски сметки


Дирекцијата за заштита на личните податоци дала негативно мислење за Законот со кој УЈП ќе ги проверува банкарските сметки на граѓаните. Предложените законски решенија, велат од Дирекцијата, не се во согласност со начелата за заштита на личните податоци од Законот за заштита на лични податоци.

-За да може да се пристапи кон изменување и дополнување на Законот за банките и креирање на нормативни решенија кои ќе се однесуваат на доставување на податоците од банките до Управата за јавни приходи ќе треба претходно да се создадат законски предуслови во материјалниот закон – Законот за Управа за јавни приходи, со кои ќе се утврдат заштитни мерки и други мерки за заштита на правата и слободите на субјектите на личните податоци во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци, се вели во соопштението од Дирекцијата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ со овој закон удира по приватноста на граѓаните. Од партијата велат дека зад таканаречената транспарентност, граѓаните стануваат предмет на контрола од страна на СДСМ.

– Дали со удирањето по приватноста се сака да се добијат информации кои што подоцна ќе се искористат за политички малверзации и рекет врз одредени луѓе и фирми? Сите овие податоци кои до сега беа „банкарска тајна” ќе може да ги гледа било кој и да стигнат до било кого. Со ова укинување на приватноста на сметките на граѓаните, тие стануваат потенцијална мета на разни уцени, закани и останати криминогени дејанија на одредени структури, кои после овој закон многу лесно ќе може да стигнат до податоците за тоа кое семејство колку пари има и поседува, рече портпарлот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Премиерот Зоран Заев вели дека со Законот за банки ќе се оданочува само приходот од заработката, но не и парите кои граѓаните ги добиваат како поклон или донација од роднините во странство. Според него, законот има за цел да го зајакне правото на државата да ги наплати даноците од приходите на граѓаните. Заев вели дека ова е пракса во многу западни држави, каде што државата има увид во приходите кои што ги остваруваат даночните обврзници.

Засега не е познато колку вработени во Управата ќе имаат пристап до податоците на граѓаните, но од УЈП уверуваат дека податоците се сигурни. Оттаму појаснуваат дека од банките и досега добивале податоци, но во хартиена форма.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1