Најдобрите студенти од првите три рангирани универзитети во Република Македонија, и годинава ќе имаат можност бесплатно да патуваат и престојуваат на атрактивна туристичка дестинација во Европа.
Јавниот повик за оваа намена е веќе објавен на интернет страницата на Министерството за образование и наука, www.mon.gov.mk и според условите, студентите кои сакаат да аплицираат е потребно да имаат просечен успех над 9,5, да се во завршна година од студирањето и последниот испит да го имаат положено заклучно со јануарската сесија, не подоцна од 15 февруари 2017 година и притоа, да не го подигнале уверението за завршено високо образование, односно да ја немаат одбрането дипломската работа.
За оваа можност која е дел од пакетот 40 проекти и мерки наменети за младите лица во земјата, најавен минатата година, на својот ФБ профил информираше заменик министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Јавниот повик е активен до 13 април. На избраните кандидати во целост ќе им бидат покриени трошоците за сместување, исхрана, авионски превоз на една од трите понудени дестинации Париз, Барселона или Венеција.