Еврото падна на најниско ниво во однос на доларот во последниве 12 години и наскоро би можело да се изедначи со американската валута, проценуваат експертите.
Во тоа допринесоа и мерките на Европската централна банка, која со купување обврзници го поттикнува економскиот раст во еврозоната.
Невработеноста во европската монетарна унија е поголема од 11 отсто, па бизнисмените се надеваат дека послабото евро ќе им помогне на европските извозници, пренесуваат медиумите.
Додека американскиот долар продолжува да зајакнува, еврото е во пад од мај и изгуби третина од вредноста.
Падна под 1,06 долари, што е најниско ниво од 2003. Европа со тоа стана поефтина за американските туристи, па трговците и туристичките работници тријат раце. Во Грција дури петина од приходите доаѓаат од тој сектор.
За разлика од еврозоната, чие опоравување воглавно беше слабо, американската економија бележи силен раст. Невработеноста е намалена на 5,5 отсто.