Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, неделава ќе ги посети Грција и Македонија, каде што ќе има средби со претставници на власта, на граѓанското општество и на бизнис заедницата, соопшти Стејт департментот.
Во Атина, Рикер ќе се состане со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас и со други владини претставници. Ќе се разговара за клучните прашања во билатералните односи како што се трговската, инвестициската, безбедносната и одбранбената соработка, регионалната стабилност и енергетиката. Тој ќе учествува и на тркалезна маса со претприемачи и бизнис лидери. Рикер ќе го посети и Солун, каде што ќе се сретне со локалните власти, со верски и со бизнис лидери, информираат од Стејт департментот.
Во Скопје, пак, Филип Рикер ќе се има средби со претседателот Стево Пендаровски, со премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и други владини претставници. Централни теми ќе бидат билатералните прашања и патот на Македонија кон членство во НАТО и ЕУ