На денешен ден пред 20 години се случи најпознатото “фудбалско убиство“.
На 2 јули, 1994 година, репрезентативецот на Колумбија, Андрес Ескобар е убиен во ноќен клуб во Меделин поради автоголот на мечот против САД поради кој Колумбија загуби и ги заврши настапите на Мундијалот во 1994 година уште во групната фаза.
По еден центаршут на Харкс, Ескобар се обиде да расчисти, но несреќно погоди во својата мрежа. Потоа, САД зголеми на 2-0, а пред крајот на мечот Колубмија успеа само да го намали поразот.
За Ескобар, тоа беше прв автогол во кариерата. И последен.Храбриот и чесен Андрес Ескобар беше скршен поради елиминацијата и иако многумина го предупредуваа да не се шета слободно по улиците по Мундијалот, тој им одговори дека „мора да се соочи со народот“.
По напуштањето на ноќниот клуб во Меделин, на паркингот Ескобар е убиен од страна на непознато лице кое испукало шест куршуми во неговото тело и при секој истрел извикувало „Гооол!“. Убиството и ден денес сѐ уште не е расветлено.
Многумина веруваат дека Андрес Ескобар е убиен поради тоа што големите наркобосови од Колубмија изгубиле голем број на пари на облог поради неговиот автогол.
И сега, 20 години подоцна, Колумбија го има најдобриот резултат на Мундијалите – четвртфинале.
И сакаат уште повеќе, сакаат да го победат домаќинот Бразил за да обезбедат пласман меѓу четирите најдобри. Во чест на Ескобар!