Владимир Кличко (38), светски боксерски првак во тешка категорија, предупреди дека потезите на рускиот претседател Владимир Путин во источна Украина би можеле да покренат Трета светска војна.
Кличко ова го изјавил во интервју за спортскиот магазин L’Equipe.
Иако темата беше неговата подготовка за одбрана на титулата првак против Американецот Брајант Џенингс, Кличко сепак се произнел за состојбата во својата земја.
На прашање што би направил ако се сретне лице во лице со Путин, Кличко рекол:
– Би го предупредил дека прави исти грешки кои се правеа во минатото. Оваа војна во Украина нема никаква смисла, па ние (Русија и Украина) сме како браќа. За две, пет или 20 години Русија ќе се извини за агресијата и анексијата на Крим, уверен е Кличко.
– После се` што се случи за време на Втората светска војна, не можеш само да одиш понатаму и да ги занемаруваш меѓународните закони. Ова што сега се случува може да предизвика Трета светска војна, рекол Кличко.
Владимир Кличко, чиј постар брат Виталиј влезе во политиката после успешната боксерска кариера и моментално е градоначалник на Киев, исто така ги повика западните сили да бидат посилни во преговорите со Русија.
– Мислам дека Европската унија спие. Путин прави што сака, рекол тој.