Преку отворените мобилни телефони 070/075/077 143 400 за донации за загрозените од поплавените подрачја досега се собрани вкупно 2.950.000 денари, а на сметката на Фондот на солидарност се собрани 150.000 денари.
Црвениот крст на Република Македонија денеска соопшти дека до поплавените подрачја е дистрибуирана хуманитарна помош 255 пакети храна, 1.229 пакети хигиена, 1.000 ќебиња, 145 тони вода, 80 душеци и 156 тони средства за дезинфекција. Со помошта се опфатени вкупно 400 семејства од поплавените региони во Струмица, Чешиново-Облешево, Штип, Кочани, Битола, Прилеп и Куманово. За време на викендот ќе бидат опфатени дополнително уште 200 семејства.
Од Црвениот крст информираат дека е понудена помош од националните друштва на Црвениот крст на Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора.