Досега 211 лица во Македонија инфицирани со вирусот ХИВ


Статистиката покажува дека изминативе 10 години бројката на мажи што се заразиле преку секс со мажи е петпати зголемена, и тоа од 10 на 51 лице. Така, во периодот од 1987 до 2004 биле регистрирани само 10 мажи со ХИВ/СИДА, кои вирусот го добиле преку сексуален контакт со мажи, а од 2005 до 2014 година има 51 нов случај на мажи што се заразиле преку секс со мажи

hiv sidaВирусот ХИВ во Македонија од почетокот на годинава досега потврден е кај нови 17 лица и сите се мажи. Состојбите покажуваат дека повеќето од новоинфицираните го добиле вирусот преку секс со мажи, а помал е бројот на лица што се заразиле преку хетеросексуален пат. Загрижува податокот што лани за цели 12 месеци евидентирани се 24 лица, а сега бројката од 17 случаи е за половина година. Од појавата на првиот случај на ХИВ во Македонија досега заклучно со 2013 година регистрирани се вкупно 194 случаи, а доколку се додадат и последните 17 лица, тогаш бројката се искачува на 211 лица кои се инфицирани со овој вирус.

Статистиката покажува дека изминативе 10 години бројката на мажи што се заразиле преку секс со мажи е петпати зголемена и тоа од 10 на 51 лице. Така, во периодот од 1987 до 2004 биле регистрирани само 10 мажи со ХИВ/СИДА, кои вирусот го добиле преку сексуален контакт со мажи, а од 2005 до 2014 година има 51 нов случај на мажи што се заразиле преку секс со мажи.
За експанзија на СИДА и ХИВ кај хомосексуалците деновиве предупреди и Светската здравствена организација и според нив, како ризични групи се наведуваат: транссексуалците, мажите кои имаат секс со мажи, сексуалните работници, затворениците, како и корисниците на дрога која се инјектира. СЗО за прв пат препорачува мажите кои имаат секс со мажи да користат антиретровирусни лекарства за превентивно да се заштитат од ХИВ вирусот.

Веројатноста геј мажите да бидат заразени со ХИВ вирусот е за 19 пати поголема за разлика од останатата светска популација. Кај женските сексуални работници, пак, има 14 пати поголем ризик да бидат инфицирани со ХИВ вирусот.

Според Националниот координатор за борба со ХИВ/СИДА, д-р Ѕвонко Миленковиќ, во моментов во земјава 83 лица примаат антиретровирусна терапија на Клиниката за инфективни болести. Меѓу нив е и едногодишно дете, на кое вирусот му го пренела неговата мајка во бременоста, а претходно во семејството не ни знаеле дека таа е носител на опасниот вирус.

Во земјава бесплатни се тестовите за ХИВ/СИДА и тие можат да се реализираат во центрите на Институтот за јавно здравје и на Инфективна. Тестирањето, исто така, е доброволно и доверливо и затоа се препорачува да се проверат сите кај коишто постои ваков ризик.
Како што посочува д-р Миленковиќ, ХИВ статусот е многу битен за што порано да се почне со неопходната терапија.
-Ако навреме се препознае инфекцијата и ако навреме се почне со ефикасни лекови, смртноста кај овие лица е сведена речиси на нула – укажува д-р Миленковиќ.

Министерството за здравство преку превентивните програми финансирани од буџетот обезбедува бесплатна терапија за ХИВ и туберкулоза за сите граѓани на коишто им е потребна, додека превентивните активности целосно се финансирани од Глобален фонд. Македонија спаѓа во групата на земји со ниско ниво на случаи со овие болести, но сепак, превентивните прегледи дополнително ќе овозможат да се откријат сомнителните случаи. Минатата година откриени се 323 нови случаи со ТБЦ, а податоците добиени од невладиниот сектор говорат дека само за советување и тестирање годишно преку програмите се трошат над 70.000 евра, за третман и дијагноза на сексуално преносливи болести над 60.000 евра.

Vecer.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1