Доставен составот и програмата на новата Влада, пратениците ќе ја избираат во сабота


Трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт која ќе има законски овластувања да обезбеди ред во општините и градот Скопје, се дел од приоритетите на Владата во програмата за 2020/2024 која вчера мандатарот Зоран Заев ја достави до Собранието.

Во предлог-програмата на новата Влада, чиј избор Парламентот го закажа во сабота на 29 август, предвидено е намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Заев во Собранието го достави и предлог-составот на новиот владин кабинет кој ќе има 19 министри, наместо досегашните 26, кој пак следува по повлекувањето на пратениците кои ќе бидат идни министри и верификацијата на мандатите на новите пратеници кои дојдоа на нивните места во законодавниот дом.

Според Заев, на изборите на 15 јули граѓаните на фер, слободни и демократски избори го потврдиле правецот и го кажале својот став кој е преточен во програмата за четиригодишниот мандат

– Новата Влада ќе биде стабилна, ефикасна и одговорна влада која ќе ги гарантира стратешките определби односно членство во НАТО и ЕУ, добри меѓусосетски односи, справување со корона кризата, нова енергија и подинамичен економски раст, како и ефикасна правна држава, истакна Заев.

СДСМ ќе има 11 министри, од кои осум со ресор и тројца вицепремиери кои ќе бидат предложени како министри без ресор со одредена надлежност.

Покрај Заев како премиер, членови на Вадата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

ДУИ во Владата ќе има шест члена. Артан Груби ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. Министер за информатичко општество и администрација, како што објавија од ДУИ ќе биде Јетон Шаќири.

Според уставните и законските одредби, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, Владата ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Владината коалиција што ја сочинуваат СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1