Американската телевизијата Си-би-ес, повикувајќи се на извештај од Стејт департментот, објави податоци во кои се наведени сите криминални дела што одредени агенти и дипломати ги извршиле во времето кога државен секретар била Хилари Kлинтон.
Стејт департментот сега е на удар на медиумите поради обид да прикрие непристојно однесување на своите вработени. Имено, ТВ-каналот „Еј-би-си њуз“ дошол до интерен меморандум на Генералниот инспектор на Форин офисот, кој датира од 23 октомври 2012 година, а во кој се известува дека оваа служба во неколку наврати се обиде да прикрие непристојно сексуално и друго однесување на своите службеници или да прекине веќе почната истрага. Податоците во сумирана форма ги објави и портпаролот на Стејт департментот, Џенифер Псаки, како утврдени прекршоци во службата за безбедност на американската дипломатија, но без да посочи имиња.
Белгиските медиуми, повикувајќи се на весникот „Њујорк пост“ и на телевизијата Си-би-ес, излегоа со сторија дека американскиот амбасадор во Белгија, Хауард Гутман, бил тој што користел услуги од проститутки и посегнувал по малолетни девојки во секс-игри. Си-би-ес наведува дека од службениците во Стејт департментот во 2012 година било побарано да запрат со истрагата за американскиот амбасадор. Гутман бил повикан во Вашингтон на разговор со државниот потсекретар за менаџмент, Патрик Kенеди, по што му било дозволено да се врати на должност во странство. Белгиските медиуми наведуваат дека Гутман не е отповикан, како и дека неговиот имунитет не овозможува поведување истрага од властите во Брисел.
Според други наводи, вработен во осигурувањето од Стејт департментот во Бејрут, наводно бил вмешан во сексуален напад на работничка од странство, а истиот бил обвинет за слични напади и во Багдад. Инспекторот што бил испратен да го истражи случајот не добил доволно време да го направи истото. Во извештајот се наведува и дека некои вработени во американската амбасада во Багдад се сомневаат за шверц на дрога затоа што вработените во обезбедувањето биле снабдувани со дрога. Агентот што бил испратен да го истражи случајот бил спречен да ја заврши работата.
dnevnik