Планираните законски решенија ги загрозуваат стекнатите права на легалните приредувачи, што ќе доведе до повеќемилионски загуби на државата по основ на исплата на отштети, реагираат со соопштение до медиумите од компанијата Моцарт.
Ви го пренесуваме дописот во целост –
,, Усвојувањето на новиот закон за игри на среќа може да доведе до сериозен удар на државната каса и загуби во буџетот за кои се проценува дека вкупно можат да достигнат и до милијарда евра! Стапувањето во сила на планираните измени би предизвикало затворање на 800 уплатни места во нашата земја, губење на 10.000 работни места и дестабилизација на пазарот, но и сериозни намалувања на приливите во државниот буџет преку надоместоци, даноци и придонеси кои ги уплаќаат легалните приредувачи на игри на среќа.
Предложените законски регулативи, преку воведување на нови правила за оддалеченост и GPS, наложуваат затворање на објекти на легалните приредувачи, со што директно се загрозуваат нивните стекнати права врз основа на важечките лиценци. Иако со законот е предвидено претходно издадените лиценци и дозволи да важат до истекот, новите правила можат да отворат прашање за нивна примена на постоечките локации. Усвојувањето на ова решение би можело дополнително да ја оптовари државата со повеќемилионски износи за плаќање отштета на легалните приредувачи. Странските приредувачи на кои им се нарушени стекнатите права можат да ја тужат државата пред меѓународните институции и по тој основ да добијат отштетни побарувања кои можат да се мерат со десетици и стотици милиони евра.
Затворањето на легалните објекти, кои работат во согласност со законот и важечките лиценци, преку ноќ би оставило преку 10.000 директно вработени и десетици илјади работници во придружните дејности без приход и работа, отворајќи воедно врата за сивата економија и криминалот. Приходите кои се слеваат во државниот буџет од работењето на легалните приредувачи на игри на среќа директно би се пренасочиле на црниот пазар, поради затворањето на нивните објекти со важечки лиценци, а државата би останала без милионски приходи. Истовремено, пазарот на недвижности би претрпел сериозен крах бидејќи огромен број објекти кои се под закуп би останале празни.
Праксата на Уставниот суд на Република Северна Македонија застапува став дека државата не може да утврдува нови правила за односи кои се веќе воспоставени и завршени, бидејќи тоа создава правна несигурност и ја повредува довербата на правните субјекти во правниот поредок. Поради високите вложувања во закуп, опрема, вработени, информациски систем, банкарски гаранции и такси, постоењето на предвидлива и загарантирана правна рамка е од исклучително значење за легалните приредувачи.
Вообичаена пракса во законските регулативи на земјите во регионот е дека воведувањето на нови правила не може да ги загрози веќе стекнатите права според важечките лиценци и одобрените локации, сè до истекот на рокот за кој се издадени. Значи, законодавецот не може со нов закон да ги менува условите за веќе издадени лиценци на начин кој директно би ги ограничил веќе стекнати права.
Во европската правна традиција исто така е загарантирана заштитата на легитимните очекувања и забраната за ретроактивно влошување на положбата, а овој стандард се применува и во секторот на игри на среќа.,, се вели во соопштението од компанијата Моцарт.










