Во медиумите беше споделена информација за мобинг и вршење притисоци врз бремена работничка со цел таа да си даде отказ и ги загуби работничките права стекнати со бременоста. Два дена откако дознале дека вработената е бремена, сопствениците почнале да ѝ поднесуваат дисциплински опомени со притисок за отказ, таа се разболела од стрес и ги пријавила за дискриминација
Комисијата утврди директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, род, здравствена состојба и лично својство бременост, во областа на работата и работните односи сторена од страна на сопружници, газда на синџир бутици и неговата сопруга вработена кај него како сметководителка и книговодителка.
Според претставката што ја поднела, дискриминираната работничка имала договор на определено време од 1.01. до 31.12.2026 година. Работела и претходно како продавачка во еден од бутиците и немало никаков проблем, напротив, ѝ било понудено да потпише договор за работа и за оваа цела година.
Откако му соопштила на работодавачот дека е бремена, ѝ било кажано дека немаат потреба од неа и веднаш почнале притисоците за присилен отказ. На 7 февруари таа прво ѝ кажала на сопругата на газдата, па веќе на деветти дошла првата дисциплинска пријава за неа, па на 11-ти нова и на 12-ти трета со закани веднаш да потпише спогодбен договор за отказ. Пријавителката не го потпишала, од силен стрес ѝ се слошило, отишла на лекар. Таму ја пратиле на боледување.
На 13 февруари работодавачот ја одјавил (откако претходно еднострано и самоиницијативно ѝ го сменил договорот од една година на само три месеци), и веднаш објавил оглас за продавачка, на нејзиното место. Бремената работничка не ја спасило ни решението од Државниот инспекторат за труд, каде го пријавила работодавачот, а со кое се поништува едностраното преименување на нејзиниот договор за работа, што го преправил газдата за да ја избрка веднаш. Комисијата за дискриминација препорачува во рок од 30 дена од денот на приемот на ова Мислење, работодавачот да направи обид за спогодбен надомест на материјалната и нематеријалната штета која избрканата бремена вработена ја претрпела како последица на утврдената дискриминација, притоа писмено да ја извести Комисијата за преземените дејствија и да достави соодветни докази за исполнување на препораката.
КСЗД препорачува сопружниците сопственик/работодавач и сметководителката да ѝ се извинат на жртвата на тешка дискриминација и да достават доказ до Комисијата дека тоа го направиле.
Од Движењето за социјална правда „Ленка“ излегоа со своја реакција за дискриминаторските политики кои ги дозволува државата. Во прилог ви го пренесуваме нивното соопштение во целост.
„Секој нов случај во кој бремена работничка е изложена на притисоци, дисциплински постапки, деградирање, закани или отказ претставува тежок удар врз достоинството на жената, но и врз правната држава. Наместо поддршка во еден од најважните периоди од животот, дел од работодавачите, гледајќи на профитот за единствена обврска, ја претвораат бременоста во повод за мобинг, психолошки притисок и елиминација од работното место.
Особено загрижува фактот што ваквите случаи не се изолирани. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веќе во повеќе наврати утврдила директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол, бременост и мајчинство во работните односи. Останува прашањето уште колку бремени работнички се дискриминирани и трпат мобинг, без тоа да биде евидентирано од некоја институција?
Бремената жена не бара привилегија – таа бара почитување на законски загарантираните права. Ниту една работничка не смее да биде ставена во понеповолна положба поради бременост, да биде изложена на притисоци да даде отказ, да биде казнувана со дисциплински мерки или да остане без работа затоа што ќе стане мајка.
Остро ги осудуваме сите работодавачи кои ја злоупотребуваат својата позиција за да вршат притисок врз бремени жени. Таквото однесување не е само неморално, туку претставува напад врз основните човекови права, врз семејството и врз достоинството на жената.
Истовремено, институциите повеќе немаат право да бидат пасивни набљудувачи. Државниот инспекторат за труд, Јавното обвинителство, трудовиот инспекторат и сите надлежни органи мора брзо, ефикасно и бескомпромисно да постапуваат по секоја пријава за дискриминација, мобинг или незаконит отказ поврзан со бременост и мајчинство. Селективната примена на законите само ги охрабрува оние работодавачи кои сметаат дека можат неказнето да ги кршат работничките права.
Дополнително, потребно е законската заштита уште повеќе да се зајакне, а санкциите за работодавачите кои дискриминираат бремени жени да бидат значително построги. Казните мора да имаат вистински превентивен ефект, бидејќи животот, здравјето и егзистенцијата на идните мајки не смеат да зависат од нечии деловни интереси.
Ги охрабруваме сите жени кои се соочуваат со ваков вид притисок да не молчат. Секој случај треба да биде пријавен до надлежните институции, пред се трудовиот инспекторат, бидејќи молчењето ги штити дискриминаторите, а пријавувањето придонесува за заштита на сите идни мајки.
Државата има должност да ги штити жените, а не да дозволува тие да бидат казнувани затоа што носат нов живот. Општество кое дозволува бременоста да стане причина за дискриминација или отказ го поткопува сопствениот правен поредок и сопствената иднина.“








