Две бугарски државјанки се протерани и им е забранет влез во Македонија во времетраење од пет години, поради основано сомнение за извршени две кривични дела „џепна кражба“. Лицата се стекнале со противправна имотна корист од околу 4.000 денари.
Како што информира денеска МВР, СВР-Скопје поднесе кривична пријава против бугарските државјанки Н.И.Г. (42) и И.Н.Е. (21), поради основано сомнение дека извршиле две кривични дела „кражба“, (џепна) при што се стекнале со противправна имотна корист од околу 4.000 денари. За тоа судија на претходна постапка им одреди мерка една година затвор, условно за три години.
Двете кривични дела се извршени на пладне. Едната кражба е извршена на подрачје на Центар, а другата на подрачје на Аеродром во автобуси. Крадците ја искористиле гужвата и со протнување на рака во ташните од оштетените одзеле паричници со пари и лични документи.
Пријавените по извршување на второто кривично дело се симнале од автобус на автобуската постојка наспроти ТЦ „Скопјанка“ и паричниците ги фрлиле во канта за ѓубре. Тие биле забележани од полициските службеници, кои при проверка во кантите за смет ги пронашле паричниците. Пријавените откако виделе дека се забележани од полициски службеници се дале во бегство, но по кратко време се фатени и приведени во полициската станица Аеродром.
Со потврда украдените паричници со пари и документи им се вратени на оштетените.