Имплементацијата на електронскиот систем е-инспектор започнува со примена во трите клучни инспекторати – Државниот пазарен инспекторат, Државниот трудов инспекторат и Државниот управен инспекторат. Останатите инспекциски служби под надлежност на Инспекцискиот совет етапно ќе се приклучуваат на софтверот, така што сите 28 инспекторати ќе бидат електронски поврзани, информира на денешната прес-конференција во Владата вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
За ефикасна имплементација на надзорите и контролите, Николовски посочи дека веќе е обезбедена целосна опрема за овие три инспектори и се што е неопходно за дигитално спроведување на надзорите и контролите.
– Со овој систем се намалува човечкиот фактор и се елиминира субјективниот пристап на инспекциските надзори и контроли. Целокупниот процес од распределба на контрола, генерирање на записници од инспекциската контрола и самото издавање на решение на крајот ќе бидат електронски, со што човечкиот фактот ќе биде изземен, изјави Николовски.
Ова е механизам, нагласи Николовски, што ја праќа пораката дека нема недопирливи и не може да се избегне плаќање на данок, а истовремено системски се справува со корупцијата.