Еден починат, 87 новозаболени – во Скопје откриен нов кластер од гости на свадба


После една недела бројката на новозаразени падна под 100. Последното деноноќие од направени 987 теста има 87 нови случаи, односно околу 9 проценти од тестираните имале Ковид-19. Пет лица оздравеле, а на Клиниката за кардиологија почина 74-годишен кумановец позитивен на вирусот.

Речиси половината од новозаболените 41 се од Скопје. Во моментот во главниот град има 760 активни случаи. Најмногу во Чаир.

Свадба со над 100 гости во домашни услови на крајот на мај во околината на Скопје е новиот кластер на Ковид-19. Сопружниците кои ја организирале веселбата, иако вакви настани се забранети периодов се вработени во Лекарската комора. Од таму информираат дека двајцата нивни вработени не се заразиле на работното место туку на приватна веселба и десетина дена не доаѓале на работа.

-По добиените информации дека двајца вработени се позитивни на Корона сарс-2, а во соработка со ЦЈЗ-Скопје, по направената епидемиолошка анкета и тестирање, сите вработени се со негативен резултат и со низок ризик. Лекарската комора немаше прекин во работата и продолжува непречено да функционира“, велат од Комората.

Според досегашните резултати покрај младоженците заразени се уште неколку членови на потесното семејството кои присуствувале на свадбата. Од Скопскиот центар за јавно здравје велат дека за конкретниот случај во тек е епидемиолошката анкета.

-Согласно резултатите кои ќе ги добиеме од епидемиолошката анкета така и ќе постапуваме. Прво изолација на сите нивни контакти и нивно тестирање и ќе видиме како и кои ќе бидат резултатите. Според наши информации имале доста контакти луѓето и чекаме темелно да го обработиме случајот и да излеземе со точни информации, изјави за Сител д-р Арбен Зибери, директор на Центар за јавно здравје – Скопје.

Коронавирусот е потврден и кај 4–ца вработени во Центарот. Позитивни се двајца епидемиолози и двајца техничари. Според директорот сомнежите на лекарите се дека се заразиле надвор од работното место.

-Добро е што нашите епидемиолози немаат контакт со пациенти , тие ги контактираат преку телефон и немале контакти, рече д-р Зибери.

Заболени од Ковид-19 се и 15 вработени во ГОБ „8 септември“, меѓу нив се двајца доктори и 8 медицински сестри.

sitel.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1