Европската комисија (ЕК) во средата предложи укинување на визниот режим за граѓаните на Косово и Турција, откако според проценките на Комисијата и двете земји ги исполниле неопходните барања потребни за визна либерализација со земјите од ЕУ.
„Денес ќе ја исполниме нашата обврска за да предложмие безвизен режим за граѓаните на Косово кои поседуваат биометриски пасоши – со што ќе обезбедиме повеќе контакти помеѓу луѓето, ќе го засилиме бизнисот и општествените и културните врски помеѓу ЕУ и Косово. Ова е резултат на напорната работа и напори кои косовските власти ги направија во поглед на тешките реформи во областите на правдата и внатрешните работи, како и реформите во владеењето на правото. Знаеме колку е важно безвизното патување за граѓаните на Косово и се надеваме дека Европскиот парламент и Советот наскоро ќе ја усвојат нашата препорака“, изјави еврокомесарот за миграција, внатрешни работи и државјанство Димитрис Аврамопулос.
Во својот извештај Комисијата потврди дека Косово ги исполнило сите барања во поглед на визната либерализација. Истото се однесува и за Турција, која на 18-ти март годинава се обврза дека ќе исполни преостанатите задачи потребни за визната либерализација.
„Турција направи импресивен напредок, особено последните неколку недели, во поглед на исполнувањето на задачите потребни за визнаа либерализација. Претстои уште работа, но доколку Турција го задржи напредокот кој беше направен, тие ќе ги исполнат и преостанатите задачи. Затоа го ставаме предлогот на маса, што отвора пат за Европскиот парламент и земјите членки да одлучат за безвизниот режим“, изјави потпретседателот на Комисијата, Франс Тимерманс.
Еврокомесарот Аврамопулос, пак, додаде дека Комисијата ќе продолжи да го следи напредокот на Турција во однос на преостанатите задачи. Визната либерализација за Турција е клучен дел од договорот помеѓу ЕУ и Турција, со кој се предвидува визна либерализација за турските граѓани најдоцна до крајот на јуни годинава.