Експлозија се случила во вторник на дел од украинскиот гасовод преку кој се пренесува гас кон Европа, во украинската Полтавска област, јави Униан.
По експлозијата избувнал пожар, чии пламени јазици достигаат 230 метри височина. Температурата на воздухот е зголемена во радиус од околу еден километар околу местото на експлозијата.Протокот на гас во овој дел е целосно запрен.
Хаваријата на транзитниот гасовод Уренгој-Помари-Ужгород, по кој се доставува руски гас во Европа, нема да се одрази врз европските корисници, смета експертот од консултантската агенција РусЕнерџи, Михаил Крутихин, јави РИА Новости.
„Не постои само еден гасовод. Гас може доставува и по други гасоводи, низ Украина има неколку маршрути”, рече Крутихин.
Тој изрази увереност дека слични хаварии се санираат многу брзо.Од друга страна, дали експлозијата на гасоводот во Полтавската област ќе влијае врз транспортот на гасот за Европа, зависи од Украина, изјави официјалниот претставник на „Газпром” Сергеј Купријанов.
„Тоа е зоната на одговорност на Укртрансгаз. Дали таа ситуација ќе повлијае врз транспортот, ќе видиме по извесно време”, рече Купријанов.