Во експлозијата во квартот Челзи на њујоршки Менхетен синоќа повредени се најмалку 29 лица , од кои 24 се пренесени во болниците, а меѓу нив едно лице е потешко повредено, но нема жртви.
Другите претрпеле полесни повреди од стакло и метал.Експлозијата се случила околу 20,30 часот по локално време меѓу 23-та улица и 6-та авенија во центарот на Њујорк. Во квартот Челзи се наоѓаат многу популарни ресторани и продавници, па вечерта имало голем број жители и туристи.
Американските медиуми објавија дека полицијата ги проверува видеоснимките од експлозијата , на кои се чини дека се гледа лице што остава нешто зад себе.
Властите сметаат дека станува збор за намерен криминален чин, но дека засега нема докази дека е поврзан со тероризам.
„Нема докази во овој момент дека експлозијата е поврзана со тероризам. Во моментов нема посебна и уверлива закана за Њујорк од која и да е терористичка организација“, изјави градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио .
Од полицијата соопштија дека по експлозијата пронајдена е можна „втора направа“ неколку блокови подалеку. Таа се состоела од експрес лонец на кој се прицврстени жици поврзани со нешто што личело на мобилен телефон. Во близина на експлозијата е најдено парче хартија со белешка.
Импровизирана експлозивна направа експлодирала претходно во саботата во Сисајд Парк во Њу Џерси, на патеката по која требаше да се одржи хуманитарна трка . Направата била направена од железни цевки, а експлодирала во канта за отпадоци, околу 9,30 часот по локално време. Во оваа експлозија беше причинета само материјална штета.
Експрес-лонец беше употребен во изработката на експлозивната направа што уби тројца, а рани 200 лица за време на маратонот во Бостон во 2013 година.