Двајца рудари се повредени во експлозијата што се случи утринава во рудникот за олово и цинк во Пробиштип. Тие веднаш се пренесени во Клиничкиот центар во Штип.
Повредени се 42- годишниот Д.З. и 49- годишниот З.Т. од Пробиштип.
До несреќата во рудникот Добрево дошло поради невнимание при ракување со експлозиви од страна на еден од рударите, објаснуваат од компанијата која раководи со рудникот „Индо минерали и метали“.
Во несреќата, двајца рудари беа повредени. Еден од нив се здоби со потешки телесни повреди, додека другиот има полесни повреди, но и двајцата се надвор од животна опасност. И двајцата рудари се свесни и контактибилни со медицинскиот персонал во болницата во Штип, објаснуваат од компанијата.
„Индо Минерали и Метали Македонија“ се во постојан контакт со повредените рудари и ќе ја следат нивната ситуација се до нивното целосно заздравување. Надлежните се веќе на терен и ги преземаат сите потребни мерки за утврдување на причините за несреќата.
„Компанијата останува посветена на грижата за сите вработени и ги прави сите потребни напори, со цел намалување на бројот на несреќи предизвикани од човечка грешка”, соопшти оваа компанија.