Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и порача на Европската унија(ЕУ) дека нема да ги менува своите антитерористички закони заради безвизниот режим што го нуди Брисел.
„Одете вие по вашиот пат, а ние ќе одиме по нашиот“, рече Ердоган, пренесува FTV.
Пораката на Ердоган до Унијата стига по само еден ден откако оставка поднесе турскиот премиер Ахмет Давутоглу, кој преговараше со ЕУ.
Европа побара од Турција да исполни пет критериуми, за да можат нејзините граѓани без визи да патуваат низ европските земји, а меѓу нив клучна е измената на законите и стеснувањето на законската дефиниција на тероризмот, во согласност со прописите во Европа.
Ердоган не сака да се согласи на тоа, бидејќи, како што вели, Турција е под голема закана на тероризмот.
Турскиот претседател рече дека што поскоро треба да биде организиран референдум за уставните реформи кои му даваат пошироки овластувања на шефот на државата.
„Неопходно е итно да одлучиме за новиот устав со претседателските овластувања. Во најкраток рок е потребно да се организира гласање по тоа прашање“, рече Ердоган.