Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ланскиот ноември се заканил дека Европа ќе ја преплави со имигранти, доколку челниците на Европската унија не му понудат подобар договор за да помогнат во управувањето на блискоисточната бегалска криза, пренесува Reuters повикувајќи се на пишувањето од понеделникот на грчкиот информативниот портал euro2day.gr.
Објавувајќи го записникот од многу напнатиот разговор од ланскиот ноември, грчкиот портал открива длабока меѓусебна недоверба и нетрпеливост на разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и двајца високи европски функционери, претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
„Можеме да ги отвориме вратите кон Грција и Бугарија кога и да е, и да ги натовариме бегалците во автобуси (…) И како ќе излезете на крај со бегалците без договор? Ќе ги убиете?“, ги цитира порталот реторичките зборови на Ердоган кои се наоѓаат во преписката од записникот на споменатиот состанок. Според истиот извор, Ердоган од ЕУ побарал 6 милијарди евра во текот на двегодишен период, а кога Јункер рекол дека во понудата е само половина од износот, му одговорил дека и онака на Турција парите не ѝ се потребни. Едроган, исто така, често прекинувајќи ги европските функционери укажувал дека неговата земја веќе потрошила 8 милијарди евра за бегалските кампови.
Порталот пишува дека Ердоган побарал вкупно 30 милијарди евра од Европската унија за решение на проблемот со бегалците, заканувајќи се дека на друг начин ќе ги испрати во Европа. Турскиот челник рекол наводно дека со автобуси ќе ги испраќа бегалците во Грција и во Сирија, и оти ќе ги остави бегалците со деца да тонат во крајбрежјето.
ЕУ на крајот договори фонд од помош од три милијарди евра за подобрување на прифаќањата на бегалците во Турција. Во вжештената расправа, според наводите во документот, Ердоган често го прекинувал Јункер, поранешниот премиер на Луксембург, и Туск, поранешен полски премиер, обвинувајќи ги дека ЕУ ја измамила Турција, и обвинувајќи го Јункер за неубаво однесува кон него лично. Ердоган, според наводите на euro2day.gr, рекол дека би требало да покаже повеќе почитување кон земја од 80 милиони жители, како и дека „Луксембург е само обично гратче во Турција“.
Порталот забележува дека станува збор за шокантен дијалог, во кој според неименувани соговорници Ердоган се однесувал арогантно, без отстапки, така што средбата завршила без договор. Барајќи повеќе средства, Ердоган забележал и дека Грција добила помош од 400 милијарди евра од Европа.
„Треба да се истакне дека овој инцидент, кој јасно ги покажува позициите на Турција, бил сокриен од ЕУ. Земјите членки не биле точно информирани, вклучително и грчкиот премиер, кој престојуваше во официјална посета на Турција следниот ден“, наведува грчкиот портал.
Брисел во меѓувреме повторува дека приливот на имигрантите од Турција значително не се намалил од самитот на двете страни во Анкара во ноември, кога беше и договорена помошта за Турција за згрижување на имигрантите.
Се истакнува во материјалот и дека Советот на министри на ЕУ за намерно одложување на објавување на извештајот за напредокот во процесот на интеграцијата на Турција во ЕУ, по барање на самиот Ердоган, да му помогне да победи на изборите.
Споменатата средба на којашто не се избирале зборови најверојатно е одржан на 16-ти ноември во турска Анталија, веднаш по самитот на Г20, тврди грчкиот портал.