Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ги опиша како алармантни настаните во Македонија, додавајќи дека насилството не може да биде излез од никаков проблем, соопшти приватната турска телевизија НТВ.
– Посакуваме на пријателската и братска Македонија што поскоро да постигне мир и стабилност, изјави Ердоган во денешниот говор во Истанбул.
Во одделна изјава на претседателството на Турција се изразува „длабока загриженост” поради насилството во македонскиот парламент и се поттикнува создавање нова влада со почитување на демократските принципи.
„Македонија има клучно значење за воспоставувањето траен мир на Балканот“, оцени турското претседателство, пренесува БТА.