Пратеничката во македонското Собрание, Ермира Мехмети, се расплака во текот на одржувањето на конференција за родова рамноправност што во средата се одржа во Собранието на Албанија, пишува Макфакс
Мехмети, зборувајќи за објавените скандалозни аудио материјали објавени на социјалните мрежи, рече дека се монтирани и оти сé уште чувствува трауми поради тоа.
„Тие се монтирани материјали и сакаа за пет минути да ме урнат. По петнаесетгодишно учество во политиката, добив удар само поради тоа што проговорив отворено за многу работи. Јас ги критикував политиките на една недемократска влада“ , рече Мехмети на оваа конференција на која учествуваа жените застапени во политиката од Албанија и други земји од регионот.
„Сé уште имам трауми од овој настан“, додаде Мехмети во врска со аудоснимката за која се претпоставува дека е дел од ткн „бомби“, односно нелегално прислушувани телефонски разговори до кои дел јавно презентираше Зоран Заев, челникот на најголемата македонска опозициска партија СДСМ.
Пред извесно време на интернет се појавија приватни разговори на политичари, бизнисмени и новинари, но засега не е откриено кој ги објавил овие снимки.
Во јавноста беа пуштени разговори меѓу вицепремиерот Муса Џафери и пратеничката Ермира Мехмети. Цел на незаконските прислушувани снимки беше и самиот лидер на ДУИ, Али Ахмети и екс министерот за правда, Блерим Беџети.