Вицепремиерот Александар Николоски објави видео како ќе изгледа Градската болница „8 Септември“ по реконструкцијата.
„Воената болница во Скопје ќе добие нови седум операциони сали, нови лаборатории, адаптирани нови простории во интерес на пациентите. Проектот за реконструкција и адаптација на болницата опфаќа реконструкција на простор од преку 3.000 метри квадратни“, напиша Николоски на Фејсбук.
Македонската влада најави реконструкција и адаптација на болницата, со опремување на интензивна нега, за што предвидени се 12 милиони евра.
Се работи за реконструкција и адаптација со опремување на интензивна нега на градската болница „8 Септември“, за што предвидени се 12 милиони евра, и реконструкција на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во вредност од 2,7 милиони евра.
– Дел од договорот кој го постигнавме со компанијата ТАВ која е концесионер на македонските аеродроми и е дел од договорот за концесија, што ќе овозможи поголем квалитет во здравствените услуги и поголем број патници на охридскиот аеродром, како и нови помодерни услови – истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на денешната прес-конференција.
Проектот за реконструкција и опремување на ГОБ „8 Септември“ предвидува реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, односно седум операциони сали.

– Две ќе бидат за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една за уво нос и грло, една за очна хирургија и како новина роботска хирургија. Интензивна нега на површина од 500 м2. Предвидени се седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија. Тука спаѓа и делот на целосна санација на кровот на болница и поставување на ефикасен систем на греење и ладење на болницата – истакна Николоски кој посочи дека планирано е во октомври да се заврши реконструирањето на градската болница.