Сакате да видите што се случува со животот на неколку ваши пријатели, но не сакате да ја отворите социјалната мрежа поради сите оние барања за игри и објави од луѓе што не сте ги виделе со години.
Не грижете се, има начини со кои може да го проверите, но и да не го отворите профилот на „Фејсбук“.
За жал, ќе мора да „копате“ низ „Фејсбук“ за да стигнете до целта.
Пред сè, треба да ги одберете луѓето од кои сакате да добивате објави. Најлесен начин да го направите тоа е да ги додадете омилените луѓе во листата „Блиски пријатели“ (Close friends), која е автоматски направена. Оваа листа ќе ја гледате само Вие. Отсега, сите објави на пријателите во листата ќе Ви стигнуваат како известувања.
Следниот чекор е одбирање на начинот на кој ќе ги добивате новостите. Отворете ги подесувањата (Settings) и одете во известувањата (Notifications). Одете во „Уреди“ (Edit) до „Активности на блиски пријатели“ (Close friends activity) за да ја погледнете опцијата за добивање на новостите преку електронска пошта. Активирањето на оваа можност ќе ги испраќа најновите вести од блиските пријатели директно во Вашата електронска пошта.
Друг начин на кој може да ги добивате вестите е преку СМС. Притиснете на „Уреди“ (Edit) веднаш до „Текстуална порака“ (Text message) за да ја активирате оваа можност. Доколку сè уште не сте го додале телефонскиот број, одберете „Мобилен телефон“ (Mobile) од основното мени за подесувања и следете ги упатствата.