Популарниот бенд “Дубиоза Колектив“ и Кирил Џајковски од 22:30 на новогодишната вечер на Сквер Јадран ќе ги забавуваат сите центарци, скопјани и жители на Република Македонија.
Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски ја промовираше новогодишната програма и овој пат, традиционално, под наслов “Град во градот“.
На Сквер Јадран, на 30-ти јануари, во 12:00 часот ќе се организира новогодишна детска програма, а вечерта, од 21:00 часот настапуваат “The Sound Messengers” (Ерик Фокс и Симона Поповска) со шпанска музика, а по нив, Day Off и Суперхикс и на 31-ви ќе настапат “Дубиоза Колектив“ и Кирил Џајковски, заедно со T.K. Wonder.
“Ги канам сите центарци, скопјани и граѓани на Македонија да дојдат на Сквер Јадран, во одлична атмосфера да ја испратиме 2015-та и да ја дочекаме 2016-та година“, рече Жерновски.
Пеце од “Суперхикс“ и Ерик Фокс изразија благодарност до општина Центар за поканата, но и за организацијата на овој настан.
“Ги каниме сите граѓани да дојдат на забавата, бидејќи од 1-ви јануари 2016-та година нема да можете да ги чуете нашите песни на Македонските медиуми. Ова е поради забраната за изведба на Македонските песни, што произлегува од штетните договори од Законот за авторски права, со кои ние ќе добиеме само кикирики. А ние со кикирики не се задоволуваме. Ако не може да нè чуете на Македонските медиуми, ние ќе правиме концерти“, рече Пеце од “Суперхикс“.
Ерик Фокс вети прекрасна забава на која вреди да се дојде.
Целата новогодишна прослава ќе чини 3.500.000 денари.