Денот на независноста на Република Македонија ќе биде одбележан со спектакуларен музички концерт на кој ќе настапат познати наши изведувачи како Каролина Гочева со нејзиниот бенд, групата Суперхикс и Аделина Тахири.
Концертот ќе се одржи утре со почеток од 20:30 часот на плоштадот „Карпошово востание“, а порталот Курир ги дознава деталите за програмата, која е исполнета со македонски изведувачи, добра музика и неколку изненадувања.
– Ќе биде поп-рок концерт на новиот плоштад кај споменикот на Филип Втори. Еден час ќе настапува Каролина Гочева со бендот, потоа Суперхикс, па Аделина, а ќе има и диџеј. Ќе има спектакуларен огномет и некои други изненадувања, вели Дејан Пројковски за Курир.
Денот на независноста – 8 Септември, под мотото „Нашето единство, наша победа“, се одбележува со повеќе спортски, културни и музички настани.
Од 31 август до 8 септември во рамки на неделата на спортот, покрај редовните спортски активности, се организраат и ревијални настани со цел да се промовира спортот и што повеќе да се анимираат граѓаните.