Црковното предание за прва икона во Христијанската црква ја смета Неракотворната икона или Неракотворниот лик на Господ Исус Христос. Неракотворна икона значи икона што не е направена со човечка рака. Еве како таа настанала.
Во почетокот на нашата ера, односно во времето на Господ Исус Христос во градот Едеса на Еуфрат живеел царот Авгар. Тој се разболел, така што не можеле да го излекуваат сите царски лекари. Тогаш тој слушнал да чудата што ги правел Исус, за воскреснувањето мртви, за лекувањето болни, за истерувањето демони итн. Посакал Исус да дојде кај него и да го лекува. Затоа му испратил писмо по својот слуга Ананиј кој бил и сликар. Во случај Исус да не може да дојде слугата имал задача да го наслика неговиот лик и да му ја донесе сликата.
Исус го добил писмото но поради своите обврски не можел да појде во Едеса. Од друга страна, сликарот Ананиј никако не можел да го наслика Божествениот лик на Исус Христос. Исус, пак, знаејќи за тоа го измил лицето со вода и побарал крпа за да го избрише. Кога го избришал лицето на крпата останал насликан неговиот лик. Таа крпа му ја дал на Ананиј да му ја однесе на царот Авгар. Кога Авгар ја добил крпата го целивал ликот на Исус и веднаш оздравел.
Царот Авгар ја ставил крпата со ликот на Исус на градската капија, за да знаат сите дека царот верува во божественоста на Исус Христос. Притоа наредил сите што тука минуваат да се поклонат на ликот на Исус Христос. Во 944 година императорот Константин Багренороден (Порфирогенит) ја купил крпата со ликот на Исус, ја пренесол во Цариград и ја поставил во црквата „Света Софија“.