Шанкери, келнери, менаџери на ресторани, собарки, продавачи, стјуардеси се главно занимањата на македонските граѓани што поради безработицата во земјава во изминативе неколку години сѐ почесто одат на печалба во Катар, Дубаи и во други земји од Блискиот Исток. Некои од нив не можат да се соочат со новата култура и новиот начин на живот во овие муслимански земји и поради тоа се враќаат дома само по еден месец работа, но повеќето од нив одат во овие земји со намера да останат или да се стекнат со доволно квалификации за да продолжат со работа во САД или во некои од европските земји.
Весна Трајковска, со завршено факултетско образование во Македонија и по струка професорка по филозофија, веќе два месеца работи во продавница за луксузна женска облека во Доха, Катар. Таа вели дека засега од тамошниот престој има позитивно искуство.
Таа вели дека во Доха заминала самостојно и дека е задоволна бидејќи го добила договореното.
– Секако дека има работи што можат да бидат и подобри, но главно сѐ е како што беше договорено, и не само во мојот случај туку и во случаите на сите што ги запознав тука. Значи, со агенција или без, тука сепак се работи чесно и фер и ниту една компанија не манипулира со вработувањата – вели Трајковска.
Таа вели дека животот во Катар за оние што ќе дојдат од Македонија и кои никогаш не живееле во муслиманска држава е по малку чуден и со многу рестрикции.
– Има и доста случаи кога некои се враќаат уште првиот месец затоа што не можат да се вклопат во овој начин на живот. Им фали дружењето без ограничувања. Тука е забрането мешање и живеење меѓу машки и женски. Им фали консумирањето на свинско и алкохол, што е многу тешко да се набави во продавници надвор од градот и само со лиценца (а да не спомнувам и по кои цени), им недостигаат пешачењето и дружењето надвор, бидејќи тука сѐ е во затворен простор – објаснува Трајковска.
Според неа, најголема причина за незадоволство и за враќање дома е токму тоа, начинот на живот, а не работата.
– Но, како и секаде во светот, и во Катар уште поизразено се согледува фактот дека доколку имаш доволно висока плата или примања, сите овие рестрикции нема да ги чувствуваш и забележуваш, затоа што, како и сегде, и тука сѐ се купува со пари. Доколку си дошол од Македонија за да работиш од 300 до 1.000 евра плата, малку потешко или воопшто нема да можеш да си ги дозволиш овие „луксузи“. Секаде е убаво ако си богат, па и во Катар е исто – изјави Трајковска.
Плата од 500 долари нагоре
Нашите сограѓани што работат таму велат дека првата година од престојот е тешка. Платите се многу ниски, но доколку го издржат тој период, добиваат можност за надградба и простор за напредување. Велат дека таму се повеќе ценети како работници и имаат можност за зголемување на платата и поради тоа не планираат враќање во земјава
– Платата ми е 500 долари, ама со бакшиш достигнува до 1.000 долари, меѓутоа заработката е индивидуална и, во зависност од позицијата, има некои наши што работат тука и што заработуваат многу повеќе. Речиси на сите им се платени сместувањето, јадењето и превозот од страна на компанијата во која работат. Бидејќи тука сум неколку месеци, малку е тешко да се приспособиш на тој начин на работа и професионалност. Договорот ми е на две години, тука можеш да стекнеш доста искуство доколку планираш да продолжиш да работиш во овие земји – вели Тони П., кој работи како шанкер во ресторан во Доха, Катар.
Во однос на ноќниот живот, Тони вели дека е многу скапо, а пијачките се движат околу 12 долари.
Нова Македонија