Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, беше усвоен во понеделникот на владина седница.
Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас во неделата во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
Премиерот Зоран Заев синоќа во интервју за емисијата „Вистина“ на Канал 5 рече дека верува оти нашиот народ ќе донесе мудра одлука.
– Направив договор, не беше лесно да се постигне. Сега имаат шанса граѓаните, ќе се изјаснат дефинитивно на референдум. Јас сум убеден дека огромно мнозинство ќе ги поддржи овие перспективи кои и се на дофат на Македонија, рече Заев.
Премиерот тврди дека резултатот од референдумот ќе биде задолжителен без разлика дали ќе биде обврзувачки или консултативен.
– Тоа значи ако мнозинството на граѓаните е „за“ тогаш договорот е важечки, ако, пак, мнозинството е „против“ тогаш не важи ниту ратификацијата на договорот ниту, пак, договореното име, прецизира Заев