По два часа дневно евтина тарифа на струјата, секој работен ден и сабота од 14 до 16 часот, потоа секој работен ден евтина струја од 22 часот до 7 часот наутро и во неделите 24 часа евтина тарифа на струјата, најави на денешната прес-конференција во Владата, премиерот Зоран Заев.– Исполнивме уште една обврска, ја враќаме евтината струја. Кога ја креиравме програмата на Владата во фокус ни беа интересите на граѓаните. Еден од приоритетите ќе биде враќање на парите на граѓаните. Граѓаните ќе имаат ефтина струја по два часа денска ефтина тарифа и сабота од 14 до 16, секој работен ден од 22 до 7 и во неделите 24 часа ефтина тарифа. Рековме дека враќањето ќе го обезбедуваме во текот на летото. Исполнувањето на должностите е прашање на честа и прашање на вредности и на почит што Владата ги има кон граѓаните. Зборот е збор. Во Македонија може добро да се живее добро. Овие мерки водат во насока на живот за сите во Македонија, живот во секој дом – изјави премиерот Заев.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев рече дека Владата на седница донесе одлука со која препорача да се направи анализа за воведување на евтината тарифа, и еве денес, како што кажа, граѓаните гледаат дека тоа е потврдено и реализирано.
Мерката, која се воведува од 1 октомври, ќе се овозможи преку заштеди на енергетските компании МЕПСО и ЕЛЕМ, така што ќе се намалат нивните непродуктивни трошоци, рече Анѓушев.
– Намалувањето на цените на ископините и репроматеријалите и преку домаќинско работење во енергетските компании ќе биде преточено во секое семејство како бенефит. Такви заштеди се веќе направени. ЕВН нема да добие субвенции од државата за спроведување на мерката која нема да биде временски ограничена до либерализација на енергетскиот пазар како што се очекуваше – рече Анѓушев.