Жител на село Бегеч, во близина на Нови Сад, е осомничен дека го убил Македонецот Слободан Стојановски (62), кој имал пекарница во селото, во петокот вечерта, соопшти новосадската полиција. Станува збор за Н.В. (40), кому му е одреден 48-часовен притвор, но Судот најверојатно ќе го продолжи на 30 дена откако против него ќе биде поднесена кривична пријава.
Слободан Стојановски, викан Kица, бил пронајден мртов околу 1.30 часот, во дворот од својата куќа, во која била сместена и пекарницата „Слобода“. Неговото тело го пронашол помошникот, кога дошол на работа. Убиецот со остар предмет му нанесол неколку убоди, од кои починал. Мотивот за убиството не е разбојништво, па се шпекулира дека станува збор за банална расправија. Осомничениот бил под дејство на алкохол, па се претпоставува дека тоа е причина за злосторството.
Првично се претпоставуваше дека убиството на Стојановски е политички мотивирано, односно дека бил убиен по грешка, бидејќи по инцидентот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија беа демолирани повеќе пекарници сопственост на Албанци во Војводина.
Стојановски ја наследил пекарницата од својот татко. Бил познат како мирен човек, а за неговите прочуени лепињи во четврток и во петок навечер се чекало на ред.
Според соседите, живеел сам и не бил женет, а работел колку што му било доволно.