Сигнал од уредот за алармирање за итни случаи (ELT) на урнатиот авион на египетската воздухопловна компанија „EgyptAir“ е фатен над Средоземното Море, пишува каирскиот дневен весник Al-Ahram повикувајќи се на шефот на египетската истражна комисија Ајман ал-Мукадам.
Според ал-Мукадам, дефинирана е точната локација на која радиопредавателот за итни случаи (ELT), кој во случај на удир на авионот во земја или во водна површина започнува да ги пренесува до сателит точните координати на местото на несреќата.
Според него, „на основа на сигналите од уредот утврдена е областа на неговата локација во радиус од 5 километри“. Појаснува дека во авионот од типот „Airbus A320-232“ има три такви система, од коишто еден е поставен во опашката од леталото. Токму тој уред е цел на потрагата во овој момент. Шефот на египетската исстрага, додава дека неговото пронаоѓање ќе овозможи да се пронајдат нови остатоци од урнатиот авион.
Во меѓувреме, како што истакнува ал-Мукадам, ткн „црни кутии“ од авионот досега не се најдени. „Потрагата по нив бара сериозна техничка опрема, бидејќи судејќи според сé, тие се наоѓаат на длабочина од три илјади метри“, појасни.
„Поради временските услови и брановите, радиусот на операцијата за пребарување во моментов е проширен“, вели ал-Мукадам.
Ги потврди претходните информации дека египетските власти ќе се обратат до најмалку една странска компанија, специјализирана за потраги на големи длабочини.
Претходно во средата директорот на компанијата „EgyptAir“, Сафват Мослем изјави дека Египет ќе ангажира две компании, една француска и една италијанска, за да помагаат во потрагата по „црните кутии“ и остатоците од авионот кој на 19-ти март утрото со 66 патници и членови на екипажот се урна во Средоземното Море.
Стручњаците сметаат дека поради тоа потребно е во морето да се спуштат акустични хидрофони на две илјади метри длабочина, за да се зголемат шансите за лоцирање на сигналите коишто ќе бидат емитувани уште 30 дена.
До неодамна меѓу воздухопловните експерти се сметаше дека единствените коишто се способни да трагаат по „црни кутии“ на толкави длабочини се американската армија и нивниот приватен партнер компанијата „Phoenix International“. Меѓутоа, американската војска изјави во вторникот дека не е побарана нивна помош.
Извори од египетската истрага претходно во средата изјавија дека авионот не покажувал никакви знаци на технички проблеми пред полетувањето од Париз за Каиро. Авионот исчезнал од радарите веднаш по напуштањето на грчкиот воздушен простор и минута пред да навлезе во египетскиот воздушен простор, беше прецизирано во средата.