Социјалната мрежа „Фејсбук“ и истоимената компанија, која стои зад неа, ќе мораат да размислат за судбината на „Тајмлајн“, изум кој не е нивни и на кој, веројатно, повеќе нема да имаат право.
– Милиони луѓе секојдневно го уредуваат својот живот на Фејсбук и досега немало шанса да имаат увид во тоа што им се случувало претходно. Работевме на нашиот „Тајмлајн“ една година. Тоа е приказна за нашите животи и сосема нов начин да се изразиме себе си, изјави во 2011 година основачот на „Фејсбук“ Марк Цукерберг.
Тогаш тој го претстави „Тајмлајн“ како една од клучните новитети во „Фејсбук“ ерата. Но, неодамна се утврди дека „Тајмлајн“ и не е сосема нов.
Имено, Суд во Чикаго овие денови одлучува за спорот меѓу „Фејсбук“ и компанијата која од 2009 го води сајтот „Тајмлајн“, и која на многу сличен начин како „Фејсбук“ хронолошки ги уредува податоците од животот на корисниците.
Судијата Џон Дара смета дека „Фејсбук“ нема внесено многу новитети во својот „Тајмлајн“ за да може да го претстави како оригинално свој производ.