Камперите закупци на приколки во кампот Ливадишта со обвинување до Фијат Цановски кој е концесионер на кампот. Тврдат дека иако редовно си ги подмируваат обврските камперите неможат да влезат во кампот бидејќи нема струја а со години ништо не е вложено и кампот е запуштен.
Ви го пренесуваме нивното писмо во целост.
Како прво сакаме да Ве поздравиме и со сета почит да Ви се заблагодариме за објавата во врска со Ливадишта.
Ние сме физички лица кои имаме стационирано сопствени приколки повеќе од 10-20 години во автокампот Ливадиште, лица на кои им е забрането да влезат во кампот и да ги користат своите приколки, лица кои покрај свои приколки останаа без нив, па сакаме да Ви ја претставиме вистинската слика за кампот.
Како прво кампот Ливадишта се наоѓа на 9км оддалеченост од Струга, на површина од 55ха, има плажа со должина од 1,5км, ресторан, продавница, кошарско и фудбалско игралиште, мини голф, одбојка за плажа, бунгалови, приколки во сопственост на кампот, а исто така и 80 до 100 приколки во сопственост на приватни сопственици кои ги имаат стационирано и плаќаат годишна закупнина за истите. На приватните сопственици им беше дозволено своите приколки да ги покријат и оградат, по сопствена желба да ги уредат и сите тие имаат вложено сопствени средства од по неколку илјади евра. Сакам да потсетам дека овој камп во 1979 година и 1980 година е избран за најдобар камп на ниво на поранешна Југославија.
Овој камп е единствениот камп на цела Охридска ривиера со изградена комплетна инфраструктура т.е истиот е парцелизиран, асфалтиран, хортикултурно уреден, ограден, комплетно осветлен и има три санитарни чвора.
Во гореспоменатата состојба му беше даден на концесија на Г-динот Фијат Цаноски во 2009 година. Од тогаш до денес концесионерот во кампот не вложи речиси ништо, освен што направи еден шанк на плажа, едниот санитарен чвор го поплочи со плочки од најлоша класа (кои се испокршија уште првата година од кога беа ставени) и сончеви колектори кои не функционираа. Сакаме да напоменаме дека денес кампот е без струја и вода затоа што концесионерот не ги подмирувал сметките, без инвентарот од ресторанот (столови, маси, роствајни тенџериња, тави и др.) кој му беа оставени од страна на ЕЛЕМ (истите тие се однесени во FON).
Моментално се води судски спор помеѓу ЕЛЕМ и ФИНЕ и апелираме до судството што побрзо да се реши во корист на ЕЛЕМ затоа што концесионерот дефинитивно не е заинтересиран за кампот.
Г-динот Фијат Цаноски во Вест објава наведува: ‘’Доколку Судот одлучи во наша полза, ќе инвестираме 20 милиони евра…….’’, а на сите нас што имаме приколки ни порачува да си ги подигнеме?! Ние сакаме да се огласиме и да го прашаме кого лаже и зошто ја замајува јавноста? Ако истиот тој сакал да инвестира и гради, зошто тогаш минатата година склучуваше договори со нови кампери и истите тие ги стационираа своите приколки? Зошто истото тоа не ни го кажа на сите нас за да имаме време да си бараме едноставно чаре за нашите приколки?
Зошто вели дека Договорите се правеле односно се склучувале на почетокот од годината кога до сега сите договори кои ги имаме добиени се со следниве датуми: за 2009 година (14.07.2009), за 2010 година (20.05.2010), за 2011 година (01.04.2011), а за 2012 година (07.07.2012) и истите тие договори ни ги даваше на рака кога ќе отпочневме со кампирање или пред да си заминеме.
Вели дека вложил 700.000 евра за проект што сите се сомневаме, а да гради се што споменува треба да се има дозвола, да се платат комуналии итн. Се прашуваме што чекал сите овие 4 години, барем да мрднеше и макар нешто да направеше, ќе инвестирал…. се прашуваме кога?
Сакаме да напоменеме дека вработени во кампот, Г-динот Цаноски ги има оставено на милост и немилост. Од ноември 2012 година без струја и затоплување, без средства и во такви екстремни услови го чуваат и обезбедуваат кампот сите овие месеци брцнувајќи си во својот џеб и одвојувајќи од устата на сопствените деца, за да го обезбедуваат кампот.
Сакаме да прашаме дали нас некогаш некој навремено ќе не информира и извести за тоа што се планира со кампот, кои се нашите права, (обврските нормално дека на време си ги исполнуваме), која е обврската на концесионерот кон нас, па добро бе луѓе постоиме ли ние 80-100 приколки, 80-100 семејства, 400-800 граѓани?
Сите ние се запрашуваме како може еден концесионер да си земе за право да уништува нешто што со години сите ние (мислиме на сите граѓани) сме го граделе, сме инвестирале, камп кој беше и сеуште е бисер на целата Охридска ривиера едноставно да го остави да пропаѓа. Во него со години се одржуваа летни спортски игри, бил посетен од многу странци кои биле воодушевини од убавините на езерото, гостопримството на мештаните, убавините и содржините кои ги пружа кампот.
Денес сме затекнати од случувањата со кампот каде подолг период нема струја со што е ставена во прашање сигурноста – безбедноста на кампот, односно на имотот и се што се наоѓа во него.
Сакаме да се заблагодариме на вработените во кампот за нивното несебично залагање истиот да биде исчистен и среден од нивни лични средства, обезбеден иако без струја, зачуван најдобро што може во дадените услови, а исто така и на ЕЛЕМ кој стави времена мерка за забрана за време на целиот судски спор, затоа што ако тоа не беше, концесионерот можеше се да си присвои, па дури и приколките кои се на приватните сопственици.
Ова писмо е напишано од лица кои навистина го сакаат овој камп, лица кои израснале, а денес ги растат и своите деца во овој камп, лица кои надалеку зборуваат за него и кои се загрижени за неговото понатамошно опстојување.
Овој камп е од големо значење за нас, за нишите семејства, за граѓаните воопшто, за Општината, за регионот па и пошироко, поради тоа го праќаме ова писмо со кое искрено сметаме дека ќе ја поттикнеме свеста на владата на кого треба да му се даде концесија, а воедно и апел до концесионерите да си ги исполнуваат своите обврски.
Сакаме да ја изразиме нашата благодарност до Вашата редакција, што имаше слух за сите нас, за нашите проблеми, а најмногу за тоа што се надеваме дека ќе напишете една статија и ќе ја информирате јавноста за вистината со кампот ЛИВАДИШТА.
Со почит!!