Филипче: Новогодишната ноќ помина мирно


Министерот за здравство д-р Венко Филипче во изјава за медиумите информираше дека новогодишната ноќ помина мирно за дежурните екипи споредбено со претходните години.

Во Ургентниот хируршки центар извршени се десетина прегледи и приеми, споредбено со 30, 40 во изминатите години.

Десеттина прегледи и приеми се изведени и на Клиниката за токсикологија, исто така многу помалку споредбено со 30тина случаи кои биле примени во претходните години.

„Навистина се почитувале мерките, да нема прослави, да нема групирање и тоа е една голема заслуга и на граѓаните“, рече Филипче.

Министерот за здравство Венко Филипче утрово им ја честита на граѓаните новата година и посака во 2021 да има убави вести како веста од почетокот на годината, која доаѓа од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, каде што по полноќ се родиле две здрави машки бебиња, а по нив и едно женско.

– Годината што измина, беше кризна година, каква што светот не памети во изминатите најмалку 100 години. Кризна година, еден голем предизвик, не само за здравствениот, туку и за економскиот и социјалниот систем. Година во која граѓаните покажаа и докажаа што значи да се има верба во институциите и благодарение на таа верба и почитувањето на мерките, сега има стабилна епидемиолошка ситуација, се помал број на новозаразени од коронавирусот. Болниците се празнат и посакувам овој тренд да продолжи и понатаму, истакна министерот Филипче.

Тој им се заблагодари на граѓаните за вербата во институциите, за нивното трпение и почитувањето на сите превентивни мерки.

– Оваа година, беше година во која здравствените работници покажаа како се работи професионално, посветено, со брз систем на реорганизација и не дозволија ниту еден пациент да остане без болнички третман. Сите заболени од Ковид-19 беа навремено згрижени и третирани, подвлече Филипче.

Тој рече дека сме на прагот на имунизацијата и дека од СЗО нашата држава била оценета како една од најподготвените во Европа.

– Верувам дека со вакцината ќе се стави крај на пандемијата насекаде во светот, рече Филипче.

Директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство е Викторија Јовановска им ја честита Новата година на сите граѓани и соопшти дека по полноќ се родени две машки здрави бебиња.

-Оваа година мислам дека ќе биде многу поуспешна, рече Јовановска.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1