По огромниот пожар кој ја зафати модуларната болница во Тетово, во своето кусо излагање на прес-конференцијата на Министерот за здравство, Венко Филипче, тој ја поднесе својата оставка.
Во своето кратко обраќање до јавноста, тој истакна дека поради својот интегритет како лекар и човек, ја нуди својата оставка до Владата на Северна Македонија.
Освен тоа, Филипче се наврати на почетокот на пандемијата и своите заложби во тешките моменти кои ги донесе пандемијата, посочувајќи дека никогаш досега се нема откажано од битката да се заштити здравјето на граѓаните. Дополни и дека не постојат зборови со кои може да се надомести загубата и тагата за загубените животи.
„Пред граѓаните стоев транспаретно, никогаш не бегав од критика, не останав должен за одговор. Сите одлуки кои ги донесовме беа со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Последната трагедија многу ме погоди, жалам за загинатите. Нема зборови за тоа да се надомести загубата. Како лекар и министер имам интегритет затоа од морални причини понудив пишана оставка. Сакам да се заблагодарам на сите кои веруваа во мене. Сакам посебно да се заблагодарам на медиумите за нивната транспарентност и посветеност која ја добив во најтешките моменти“, рече Филипче.
Неговата оставка треба да биде прифатена од Владата и министрите на седница. По ова, ќе се назначи нов министер за здравство. Од функциите претходно се повлекоа и заменик-министерот за здравство Илир Хасани, како и двајца директори од Клиничката болница во Тетово.