Филипче: Правиме напори сите здравствени работници да добијат зголемување на платите од јануари


Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека се прават напори да се обезбедат средства од буџетот за зголемување на платите на сите здравствени работници од почетокот на наредната година.

– Правиме напори да ги обезбедиме сите потребни средтства. Јас верувам дека ќе успееме заради тоа што сите здравствени работници заслужуваат да го добијат тоа, вели Филипче на прес – конференција 

Тој појасни дека иницијалниот план беше лекарите – специјалисти да го добијат покачувањето на почетокот на годината, а средниот медицински кадар и останатите вработените во септември, но сега вели се работи на тоа сите да го добијат зголемувањето на платите од јануари.

За Законот за здравствена заштита со кој треба да се реши проблемот со медицинските сестри кои работеле кај концесионерски амбуланти во кои лекарот заминал во пензија, по што сестрите останале без работа, рече дека е веќе пратен во Собранието.

– Во таа насока ја направивме измената на Законот, но тоа нема да важи само за нив. Апсолутно сите доктори, стоматолози и фармацевти кои што работат во приватното здравство сега со новата измена на Законот за здравствена заштита го олеснуваме нивното враќање во јавното здравство, односно без оглас, таму кај што има најголема потреба, посочи Филипче.

Во однос на проблемот со подобрувањето на обезбедувањето на Клиничкиот центар, министерот за здравство нагласи дека се бара решение заедно со Министерството за одбрана и МВР, за преземање на луѓе кои би можеле тоа да го работат.

Филипче потврди дека има недостиг од вакцина тетанус, но дека е веќе обезбеден и во текот на следната недела ќе биде доставен до сите установи.

-Стануваше збор за недостаток заради тоа што компанијата не го обезбедила во тој период. Меѓутоа од следниот понеделник и вторник ќе биде дистрибуиран во сите амбуланти и болници каде се дава, рече министерот за здравство Венко Филипче.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1