Се соочуваме со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем. Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво болницта во Козле, каде има 40 кревети, каде има кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“ со кадарот кој работи таму, а до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски.
Филипче рече дека на денешната седница на Владата е ставена информација со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со ЕУ за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка. За многу кратко време, посочи Филипче, очекуваме по потпишување на договорот да стигне во земјава.
– Се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции. Граѓаните мора да покажат поголема свесност и да ги почитуваат мерките. Изутрината имавме состанок со Комисијата за заразни болести, а после тоа и со Штабот. Во среда закажавме состанок со сите 56 прватни интернисти во државата, кои имаат договор со Фондот, од кои половината се во Скопје, за да може да се вклучат во системот на дежурства во сите болници каде се лекуваат заболените од Ковид-19, додаде Филипче.