Министерот за внатрешни работи на Република Српска, Драган Лукач, потврдил дека нападот на полициската станица во Зворник го извршил 24-годишниот Нердин Ибриќ.
“Нападот е извршен за време на смената во полициската станица, што значи дека напаѓачот знаел кога се менуваат полицајците и дека тогаш се во најголем број”, нагласил Лукач.
Според српските медиуми, Ибриќ е роден во Кучиќ Кула кај Зворник, каде што и живеел. Имал само една година кога припадниците на Војската на Република Српска со припадниците на полицијата во Зворник и паравоените единици од Србија, го одвеле неговиот татко Сејфо. Во период од пет дена, неговиот татко бил убиен заедно со уште 750 Босанци, а потоа сите биле фрлени во масовна гробница која била пронајдена пред девет години, пишуваат српските медими.
Нердин Ибриќ почнал да пушта брада како припадниците од вехабиското движење пред околу три години, а во Тузла имал роднина кој им се приклучил на вехабистите.
Полицијата потврдува дека напаѓачот е поврзан со движењето на радикални исламски вехабисти. Ибриќ учел во средното медицинско училиште во Зворник, но во последно време се однесувал чудно, а во џамија се молел според вехабиски обичаи. Припадниците на полицијата подготвуваат претрес на неговиот дом, за да дојдат до детални информации.
Потсетуваме, Нердин Ибриќ вчера во 19.00 часот дошол пред полициската станица во Зворник, пукал со пушка и убил еден полицаец на вратата. Потоа влегол во станицата и продолжил да пука, при што биле ранети уште двајца полицајци.