Нападите на престолнината на Исламската држава (ИД), Рака, ги предводи една жена. Нејзиното име е Ројда Фелат и во опасната мисија командува со војска од 15.000 вооружени мажи.
Ројда е командант на Сириските демократски сили (СДФ) кои ги сочинуваат единици на Курдите и сириските бунтовници кои се борат против ИД.
Обуката за СДФ, кои денес бројат околу 15.000 борци, ја обезбедија САД и нивните партнери. Ројда е на чело на единица веќе три години и како што вели, нејзината цел е да ја ослободи Сирија од угнетувањето на ИД.
– Бригадата за ослободување на Рака и комбинираната оперативна единица и ја следи СДФ во операцијата за ослободување на градот. Кампањата има за цел одбивање на терористичките напади и обезбедување на сигурност на нашите луѓе, изјави Ројда за „Индепендент“.
Радикалниот команданд Ројда Фелат била инспирирана од Бизмарк и Наполеон, но и Арин Меркин, жена која се разнела во воздух само да не падне во рацете на џихадистите во текот на одбраната на курдскиот град Кобане во 2014 година.
Нејзина основна цел е борба против Исламската држава, но Ројда не се бори само против тероризмот. Нејзината борба е насочена и на подобрување на статусот на жените и нивните права.
– Мојата цел е да ги ослободам курдските жени и жените во Сирија од стегите на традиционалното општество, но и да ја ослободам цела Сирија од тероризмот и тиранијата. Моите цели се и моја мотивација и ми помагаат да ги надминам сите пречки. Жените не се слаби, тие играат многу важна улога во формирањето на едно општество, вели Ројда.
Пред операциите за ослободување на Рака, командантот Ројда Фелат учествувала во борбите за ослободување на провинцијата Хасака и градот Шадади. Операцијата која траела три дена била одмазда на џихадистите кои продале јазиди девојка на локалниот пазар во Шадади.
Сепак, Ројда Фелат не е единствена жена која се бори против џихадистите на Исламската држава. Иако точниот број не е познат, се верува дека околу 10.000 жени учествуваат во борбите против ИД, како во мешани, така дури и во чисто женски баталјони.
Токму од нив, екстремистите најмногу се плашат, бидејќи веруваат дека ако некој од нив биде убиен од жена, посебно ако е Курдка, тој нема да отиде во Рајот.