Сестрите, 67-годишната Ана и 53-годишната Ким Хакзе, со години се сметале за исчезнати, а последен пат биле видени во Канада во 1981-та година. Ниедна од нив не контактирала со семејството во тој период од 36 години.
Полициските детективи успеале да ги лоцираат долго изгубените сестри во Америка, каде денес живеат, пренесува Daily Mail.
Ким им рекла на полицајците дека не знаеле дека некој ги бара. Овие Канаѓанки исчезнале пред точно 36 години. Биле пронајдени живи и здрави во Америка, а тврдат дека не знаеле дека се трага по нив.
Нивната мајка изгубила секаков контакт со нив во 1981-та година, а случајот повторно го пријавила во 2003-тата. Четири години подоцна, таа умрела без да ја дознае судбината на своите деца.
Ким, која во меѓувреме го променила името, им кажала на полицајците дека таа и нејзината сестра не знаеле дека ги бара полицијата. Кажала дека се одлучиле да свртат нов лист во животот, да напуштат сè и дека сакаат приватност. Полицијата не зборувала со постарата сестра Ана.
„По толку години, ретко кој се осудува да се надева на позитивен резултат”, рекле од полициската станица во Торонто.
Отпечатоците од прстите потврдиле дека станува збор за “изгубените сестри”. Кога побегнале од дома, Ана се борела со финансиски проблеми и се расправала со семејството. Ким и натаму била во добри односи со родителите, но очигледно одлучила да ја поддржи својата сестра, да им го сврти грбот и да замине без поздрав.
Кен Хакзе е еден од тројцата браќа Хакзе. Кога ја добил информацијата од полицијата дека неговите сестри се живи, не можел да верува.
“Шокирани сме. Ми се јави брат ми Џил во целосен шок. Беше без зборови. Секогаш се надевавме дека се живи”, рекол тој и додал дека Ана не се согласувала добро со својата мајка, но дека била блиска со својот татко.
Токму по неговата смрт, на сестрите им се губи секаков траг. Кен рекол дека Ана била во брак со Американец кој завршил во затвор, и дека со години се мачеле со тешката финансиска ситуација.
Се надева дека сестрите ќе му се јават и дека ќе имаат втора шанса за решавање на семејните несогласувања. Вели дека не зборувал со нив, бидејќи полицијата не сакала да му ја каже нивната локација ниту број за контакт.