Драматична станува сликата над Лисолај, оддалечено 15 километри од Битола, откако пламените јазици стасаа на прагот на селото. Огнената стихија која веќе трет ден беснее во регионот, ја зафати боровата шума над селото, па покрај противпожарните и екипите на Дирекцијата за заштита и спасување, во гаснењето на пожарот учествуваат и мештаните.
Силниот ветер и непристапниот терен се дополнителни проблеми со кои безуспешно се обидоа да се справат надлежните институции, па попладнево во гаснењето на пожарот требаше да се вклучат и два армиски хеликоптери.
Лисолај попладнево го посети и градоначаланикот на Општина Битола, Владимир Талески за на лице место да ја изрази поддршката за месното население во битката со огнот.
Пожарот кај Лисолај е најголемиот пожар со кој летово се справува битолската противпожарна единица. Огнената стихија започна пред два дена над селата Српци и Беранци и досега пеплоса огромни пространства на борова шума.
Прес 24