Во листата на успешни деца и родители на домашен терен се вбројуваат пејачи, актери, спортисти, пишува весникот Вечер. Освен што имаат иста крв, тие имаат и иста професија. Дејан Манасков, Игор Џамбазов, браќата Тавитјан, Анастасија Петреска, Александар Тарабунов, Кристина Арнаудова, Верица Каранфиловска, Дамјан Стојановски… се само дел од јавните личности кои успеале да се пробијат и да направат свое име на македонската сцена и гордо да го носат епитетот – талентирани наследници.
Џамбазови
Човекот кој во буквална смисла на зборот заслужено можеме да го наречеме феникс е вистински мултиталент. Пее, глуми, пишува, рецитира, води емисии и шоуа. Феноменот Игор Џамбазов потекнува од вистинско уметничко семејство. Неговата мајка Анче беше една од најпознатите глумици во нашата земја, додека, пак, татко му Александар е композитор и диригент. Дедо му Петре Прличко, пак, е бард на македонското глумиште. Дополнителни описи не се потребни. Семејното стебло кажува се…
Манаскови
Пепи Манасков е еден од најдобрите ракометари кои некогаш ги бранеле боите на нашата земја. Неговиот син Дејан, според прогнозите на тренерите, има големи шанси да ја надмине популарноста на татко му, со оглед на тоа што има само 22 години, а веќе е дел од првиот состав на РК Металург и македонската репрезентација. Квалитетна игра, прецизност и оставање срце на терен се само дел од квалитетите кои Дејан ги има наследено од тато Пепи. И неговиот помал брат Мартин, исто така, игра ракомет.
Стојаноски
Уште едно познато семејство во кое се докажува она – кога Господ давал талент не се штедел. Синот на фолк-легендата Војо Стојаноски, Дамјан, полека, но сигурно оди по стапките на тато, за што доволен доказ се неколкуте фестивалски награди. Од талентот не е скусено ниту поширокото семејство, па со завидна кариера можат да се пофалат и братот на Војо, Билјан, како и Влатко и Златко и неговиот син од првиот брак, Дарко.
Петрески
Доајенот на македонската народна музика Наум Петрески, исто така, си има своја наследничка. Неговата ќерка Анастасија, која ја има од првиот брак, веќе гордо чекори по неговите стапки и полека, но сигурно си зазема свое место под музичкото небо. И постарата сестра на Анастасија, Сања, имаше обид да стане пејачка, но, за жал, помина неуспешно.
Повеќе прочитајте на Вечер