Триесет и четири годишен гевгеличанец го загуби животот во сообраќајна несреќа што во 22:30 часот во средата се случила на автопатот од граничниот премин „Богородица” кон Гевгелија. Моторциклот „хонда чопер” управуван од Ристо К. поради непочитување на сообраќајни знаци на патот изгубил контрола над моторциклот, при што удрил во метална конструкција и се превртел.
Како што јавува Курир од Полициската станица во Гевгелија потврдиле дека се работи за лицето Ристо Карајанов, познат за гевгелиската јавност како сопственик на кафулето „Центар” и повеќекратен фаќач на светиот крст во водите на реката Вардар за време на Богојавление – Водици. Последниот негов подвиг во осветените води на Вардар беше на 18 јануари минатата година, кога од 20-ина момчиња токму тој, по шести пат, стана среќниот носител на симболот на христијанството – крстот, како најуспешен во традиционалниот црковен ритуал, пренесуваат дел од медиумите.