Единица на француската полиција за борба против тероризмот од властите во Ница побарала да ги избришат снимките од камерите што го покриваат шеталиштето на која беа убиени повеќе од 80 лица во терористичкиот напад со камион на Денот на падот на Бастиља, објави денеска весникот „Фигаро“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ова барање до канцеларијата на градоначалникот на Ница во средата го упатила специјалната единица задолжена за борба против екстремизмот (СДАТ).
Како што пренесува „Раша тудеј“, францускиот весник дошол до копија од документот во кој се наведува дека СДАТ, повикувајќи се на членови на Кривичниот закон, бара од градските власти целосно да ги избришат сите 24 часа снимки од камерите на шеталиштето.
– Избришете ги записите направени меѓу 14 јули во 22.30 часот и 15 јули во 18 часот, се наведувало во документот во кој се посочува внимание на шест камери, чии снимки „посебно мораат да бидат избришани“.
– Ова е првпат некој да ни бара да уништиме докази. Центарот за видео надзор и градот можат да бидат тужени заради ова, а нашите службеници немаат надлежност да прават вакви работи, изјавија за „Фигаро“ извори од градската власт.