Вистинска драма се одвивала на Аеродромот „Аеродром Александар Велики“- Скопје утрово во 04 часот и 30 минути. За излез од Македонија кон Виена се пријавил Французин кој се упатил на Гејт 201 каде чекал да ги повикаат патниците кои ќе патуваат за Виена. Патникот чекајќи заспал на столиците и го пропуштил летот, а откако се разбудил и сфатил што се случува, во паника почнал да вика во гејтот и во еден момент почнал да трча и удира по вратите, насилно ја отворил вратата и се упатил на мостот сакајќи да влезе во авионот каде вратите биле затворени, но кога видел дека авионот е приклучен на возило “пуш- бек“ почнал насилно да тегне по вратата и го напукнал стаклото од неа.
Потоа, Французинот се симнал по помошните скали и насилно отворајќи ја вратата од мостот излегол на платформа каде почнал да трча по авионот на кој во моментот му биле вклучени моторите. Возачот на возило “пуш – бек“ во „ТАВ“ во моментот на поставување на воздухопловот на позиција за полетување го забележал лицето како трча и вика со неразбирлив јазик на висок тон, по што истиот излегол од возилото и го спречил да се упати кон него, па повикал обезбедување.
Од страна на обезбедувањето истиот бил фатен и предаден на Полицијата во Петровец за понатамошна постапка.