Матичниот лекар ќе може да издаде рецепт за хронична терапија и во случај кога препораката од специјалистот/отпусно писмо е постара од една година.
Фондот за здравстено осигурување презема вонредни мерки за олеснување на процедурите за користење на услугите од страна на здравствените осигуреници. Од таму апелираат граѓаните да ги користат електронските услуги или преку телефонска линија да бараат здравствени совети од своите матични лекари. Во однос на отворање боледување или негово продолжување до 14 дена матичниот лекар ќе може тоа да го стори сам без притоа да се придржува до досегашните критериуми за дијагностички постапки и оцена на привремена спреченост за работа поради болест или повреда. За проблеми со респираторниот систем матичниот лекар боледувањето ќе може да го продолжи и по истекот на 14 дена, се вели во соопштението на ФЗО на РСМ.
Од Фондот посочија дека ваквите времени мерки ќе бидат во сила се додека траат времените мерки што ги донесе Владата за спречување на ширење и сузбивање на корона вирусот, а во интерес на заштита на здравјето на граѓаните.
Оттаму потенцираат дека во интерес на безбедноста на граѓаните на целата држава е да се минимизира непотребниот контакт меѓу матичните лекари и пациентите, кои треба да се обраќаат на лекар само кога тоа е навистина неопходно.
Од Фондот наведуваат и дека матичниот лекар може да издаде рецепт за хронична терапија и во случај кога препораката од специјалистот/отпусно писмо е постара од една година.