Гастербајтерите праќаат повеќе пари


Над 400 милиони долари годишно по легален пат влегуваат во земјава како пари на наши сограѓани кои работат во странство наменети за нивните семејства. Тоа е 4 отсто од домашниот бруто производ (БДП) или дури и повеќе од годишниот приход на земјава по основ на странски инвестиции. Бројката е двојно повисока ако се има предвид дека голем дел од парите кои ги праќаат гастербајтерите доаѓаат до нивните роднини во земјава по нелегален пат. Тоа пак го зголемува и учеството на овие пари во БДП, но официјално овие пари не се евидентираат статистички. Ова беше речено на денешниот економски форум „Парите од иселениците се важни за социјалниот развој на Западниот Балкан“, организиран од Институтот за економско истражување и политики-Скопје.broenje denari pari mk

Овие пари, како што беше речено, најчесто се трошат за покривање на трошоците за храна, сметки и долгови. Така зваршуваат 50 отсто од парите влезени во земјава на ваков начин. Дел од парите се трошат за купување недвижен имот, семејни настани, за штедење, а само мал дел или еден отсто се инвестираат.

– Просечниот износ на примените дознаки од странство изнесува околу 200 евра месечно или 2.500 евра годишно. Дознаките се значаен инпут за животниот стандард на сиромашните домаќинства, бидејќи дури 91 отсто од нивната потрошувачка се финансира од овие пари – рече извршниот директор на Finace Think, Благица Петрески.

Истражувањето кое во регионот и земјава се реализирало изминатите две години покажува дека дознаките имаат голема социјална улога за домаќинствата што ги добиваат. Овие домаќинства полесно живеат, се образуваат и добиваат здравствена заштита. Парите што ги добиваат од своите роднини во странство им овозможуваат да бидат надвор од прагот на ранлива категорија, односно сиромашни.

– Дознаките ја имаат улогата на неформална социјална заштита за примателите. Тоа го покажува фактот дека семејствата кои примаат дознаки имаат помала веројатност да бидат сиромашни за 27 отсто во однос на другите кои не примаат дознаки од странство – рече Петрески.

И ова истражување покажува дека Албанците во земјава примаат повеќе пари од нивни членови на семејства кои работат во странство, а подеднакво ги примаат домаќинства кои живеат во рурални и во градски средини.

Петрески укажа дека државата мора да ги вгради дознаките во една политика каде што ќе може да бидат соодветно искористени и каде што ќе ја намалат на формален начин ранливоста на примателите на дознаки. Истовремено овие пари мора да бидат регистрирани и во официјалните статистики на земјата.

Најчесто во Македонија средствата од иселениците доаѓаат од високоразвиените земји од Европската унија и од прекуокеанските држави како што се Америка и Австралија.

Споредбата со регионот (Србија, Албанија и Косово) каде што е реализирано истражувањето, Македонија бележи средно ниво на примање дознаки. Највисок износ на дознаки има во Косово, додека во Србија дознаките учествуваат околу 8,5 од БДП.

– Резултатите на нашето истражување покажуваат дека во Србија семејствата кои ги примаат овие пари главно ги користат за најосновните потреби како храна, плаќање сметки и слични работи. Скоро и да нема податоци дека ги инвестираат – рече Марко Владисављевиќ од Фондацијата за развој на економските науки од Белград.

Искуството, пак, на Киргистан кое на Форумот го презентира Камалбек Каримшаков од универзитетот Манас, се дека околу 30 од БДП го сочинуваат парите кои до домаќинствата во оваа земја доаѓаат од нивните роднини од странство.

– И покрај ваквиот висок процент на учество на овие пари во БДП на Казакстан, државата се уште нема изградено стратегија за соодветно искористување на овие средства – рече Каримшаков.

Бранимир Јовановиќ од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека дополнително треба да се истражува зошто парите кои ги примаат од странство домаќинствата во земјава не ги инвестираат.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1